Quantcast
Channel: Граѓани –Радио МОФ
Viewing all 20326 articles
Browse latest View live

АВМУ: Да не се користат малолетници во платено политичко рекламирање

$
0
0

Во првите денови од изборната кампања, во дел од спотовите на кандидатите за Претседателски избори 2019 кои се емитуваат на телевизиските сервиси, регистрирано е учество на малолетници, реагира Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Од таму потсетуваат дека согласно членот 76 од Изборниот законик, не е дозволено учество на малолетници во платено политичко рекламирање.


„Ромскиот народ –минато, сегашност, иднина“ –Ораторски настапи на студенти во МНТ

$
0
0

По повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, здружението на граѓани „Ромаверзитас“ вечерва (4-ти април) организира ораторски настапи на тема „Ромскиот народ – минато, сегашност, иднина“, со почеток од 17 часот на малата сцена во Македонскиот народен театар во Скопје.

Како говорници ќе настапат:

Алмира Фасљии – студентка на студии по Новинарство, на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ, Скопје.
Ариф Адеми – студент на Правни студии, на Правниот факултет “Јустинијан Први”, при УКИМ, Скопје
Фатима Сали – студентка на Фармацевтскиот Факултет, при УКИМ, Скопје
Семран Сулејман – студент на Правни студии, на Правниот факултет “Јустинијан Први”, при УКИМ, Скопје
Цвета Ангелова – студентка на Филозофски факултет на Институтот за социологија, при УКИМ, Скопје
Руфат Демиров – студент на Политички студии на Правниот факултет “Јустинијан Први”, при УКИМ, Скопје

На настанот ќе бидат доделени и признанија на дипломирани Роми од прв циклус на студии во 2018 година, како и избор на најдобри студенти и сертификати на студенти Роми корисници на „Ромаверзитас“.

Хуманитарната акција во Штип за матуранти, полуматуранти и апсолвенти

$
0
0

Здружението за хуманитарен развој „Подади рака за хуманост” го спроведува проектот „Од дете за дете“. Со проектот се опфатени сите училишта во Штип и повеќето градови во државата, а целта е да се помогне на социјално загрозените семејства и кај децата да се поттикне хуманоста.

Од здружението ги повикуваат сите хумани граѓани да донираат храна, гардероба, хигиенски производи за социјално загрозените. Истовремено ја отвораат хуманитарната акција за сите матуранти, полуматуранти или апсолвенти кои од било која причина не се во можност да обезбедат гардероба за прославата на крајот на школската година.

Пријавувањето за учество во оваа акција е до 20 април.

„Нашето малку, за некого е многу“, потсетуваат од „Подади рака за хуманост”.

„Youth fest“ –младински приказни, бендови, базар и изложба во МКЦ

$
0
0

Во Младинскиот културен центар на 7 април (недела) од 12 до 18 часот ќе се одржува „Youth fest“.

„Што е важно за младите? Нашите приказни се важни. Нашата солидарност. Зборовите се важни. Музиката. Различноста е важна. Воздухот што го дишеме, нашето образование, нашите идоли. Слободно да се изразуваме. Нашите идеи, нашата самодоверба, нашите занаети“, велат од Младинискиот совет на амбасадата на САД, кои се организатори на настанот.

Од таму потенцираат дека сето ова е важно, но иста така треба да го прослават.

„Ни требаат другите да ги слушнат нашите приказни, ни требаат другите да не’ видат кои сме и како сите сме поврзани за да можеме да одиме напред. Да градиме самодоверба, мостови и да се забавуваме. Да си дозволиме да бидеме млади. И токму тоа ќе го правиме. Славејќи се себеси. Славејќи ве вас. Ќе го прославуваме она што не’ прави среќни“, стои во соопштението на организаторите.

Нагласуваат дека присутните ќе ги прославуваат приказните, ќе ги поттикнуваат победите над потешкотиите со кои се соочуваат во ова општество и што е најважно ќе се забавуваат.

„Ве покануваме и вие да уживате во тоа со нас. Да слушате музика, да уживате во добра храна и во сонцето додека разгледувате низ базарот на локални занаетчии и нивните уникатни производи, а што е најважно да ја видите изложбата што ја составивме за приказните на младите луѓе во ова општество“,стои во најавата за настанот.

За музичкиот дел ќе бидат задолжени Minstrel Gallery, Cirka, DJ Ux и на крајот DJ Dino.

Настанот е организиран од Младинискиот совет на амбасадата на САД, во поддршка на амбасадата.

Светски ден на бездомните животни –Анима Мунди: Бараме јасна законска забрана за еутаназија

$
0
0

По повод 4-ти април, Светскиот ден на бездомните животни, здружението Анима Мунди со поддршка од 16 други здруженија за заштита на животните, побараа од надлежните измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура.

Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост во продолжение:

„Криви само затоа што се живи, обезвреднети, тепани, труени, масовно еутаназирани – тоа е судбината на бездомните животни! Анима Мунди, поддржани од 16 други здруженија за заштита на животните бара измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура и конечно, пред се законска забрана за еутаназија на бездомните животни. Ова е единствен закон кој примарно мора да ги штити правата на животните, пред се нивното право на живот. Нашите предлог законски измени се достапни на следниот ЛИНК.

Не сме задоволни со досегашните измени, не прифаќаме игнорирање на она што е наше основно барање и фокус со години: БАРАЊЕ ЗА ЈАСНА, ДЕЦИДНА ЗАБРАНА ЗА ЕУТАНАЗИЈА како механизам за справување со бездомната популација кучиња затоа што усмртувањето се применува со децении и не донело резултат, го продлабочило проблемот, дало можност на надлежните (општините) наместо трајно решавање, само да симулираат привидно намалување фокусирајќи се на краткорочни ефекти (пр. само за време на траење на сопствениот мандат), а потоа драстично продлабочување на проблемот кое што ги изложува граѓаните на опасност. Убивањето крај нема! Сега откако за прв пат коректно се уредува одговорното сопствеништво во рамки на законот, што го поддржуваме (на која што ургентност и важност укажувавме со години, затоа што неодговорните сопственици се причинител бр. 1 за прилив на нови и нови на бездомни кучиња на улиците) итно е потребно со закон да се забрани убивањето на бездомните животни и спречи произволноста, неодговорноста, нехуманоста со која општинските власти манипулираат, животните се убиваат, се трошат општинските ресурси, а проблемот се продлабочува до недоглед!

Освен:

1). ЗАБРАНАТА ЗА ЕУТАНАЗИЈА на здрави бездомни животни, животни кои се излечиво болни и животни за кои постои интерес да бидат вдомени,

Бараме:

2). Дефинирање на дополнителни забрани кои ќе ја унапредат заштитата и благосостојбата на животните, на пример:

– ЗАБРАНА за чување на кучиња постојано врзани на ланец или во бокс, без да се овозможи слободно движење надвор од тој бокс;

– ЗАБРАНА за чување, одгледување и користење копитари во урбана средина;

– ЗАБРАНА за е користење на копитари за извлекување дрва;

– ЗАБРАНА за колење и усмртување на животни во ритуални обреди, надвор од кланици;

– ЗАБРАНА за одгледување на кокошки во основен кафезен систем ;

3). Законско овластување на здруженијата за заштита на животни за спроведување одредени одредби на законот, вршење надзор, проверка на одговорното сопствеништво, т.е. измени од кои би произлегла можноста за наменски овластена служба за заштита на животните формирана од претставници на здруженијата за заштита на животни“, стои во соопштението на Анима Мунди

Државите од Западен Балкан потпишаа договор за намалување на цените на роамингот

$
0
0

Ресорните министри задолжени за дигитализација од земјите од Западен Балкан денеска на Дигиталниот Самит во Белград, Србија, го потпишаа регионалниот Договор за намалување на цените во роаминг.

Од Министерството за информатичко општество и администрација информираат дека на овој начин Заклучоците од Дигиталниот Самит во Скопје континуирано се реализираат. Потписниците на Договорот се согласни дека е неопходно дополнително да се намалат цените за роаминг услугите за целосно покривање на сите крајни корисници во регионот на Западен Балкан.

Тоа значи дека максималните малопродажни надоместоци за роаминг услугите во регионот на Западен Балкан ќе бидат доведени до нивото на цени во согласност со правилото „како дома“, односно соодветно на правилата за „роаминг како дома“, кои се применуваат во Европската унија, не подоцна од 1 јули 2021 година. Државите се обврзаа да ги преземат сите потребни подготвителни чекори.

Со Договорот се предвидува да се воведе преоден режим за роаминг услугите почнувајќи од 1 јули 2019 година.

За Република Северна Македонија Договорот го потпиша министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

[Видео] Тина „напнатина“ и Томо преку четири приказни од Скопје апелираат да се реагира за поубав град

$
0
0

Таксистката Тина и патникот Томо имаат четири случајни средби во различни делови од Скопје. Томо воопшто не смета дека треба да делува за проблемите кои ги посочува Тина „напнатина“, како што ја именува тој. Сепак Тина е упорна во притисокот кон него да стане активен член на општеството – да реагира, наместо да игнорира.

Преку нивната приказна видеото ги прикажува проблемите со кои се соочуваат градовите во Македонија – несоодветно урбанистичко планирање, неразвиена транспортна инфраструктура и јавен превоз, неефикасно управување со  отпадот и немање урбано зеленило.

Видеото, кое можете да го погледнете во продолжение, го изработи Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Повторно одложено судењето на Мариглен Демири за учество во Шарената револуција

$
0
0

Повторно се одложи судењето на Мариглен Демири, обвинет за оштетување на претседателската канцеларија на првиот ден од протестите на Шарената револуција пред три години, пренесе Макфакс. Рочиштето било одложено поради најавено отсуство на неговиот адвокат, додека следното е закажано за 31 мај.

Демири се товари „за учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, во врска со неговото учество на протестот на 13 април 2016 година, кога револтирани граѓани по одлуката за аболиција ја демолираа канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов. Судскиот процес против Демири започна уште во јануари 2017 година.

Судот лани им изрече ослободителни пресуди на Здравко Савески и Владимир Куновски за истиот случај.

 


Општина Кисела ќе ги наградува најталентираните ученици, наставници и воспитувачи

$
0
0

На иницијатива на градоначалникот Филип Темелковски, Општина Кисела Вода ќе додели парични награди за талентирани: ученици, спортисти, наставници, стручни соработници, воспитувачи и негуватели.

Ова важи за лица од општинските основни училишта и јавните детски градинки кои се во надлежност на Кисела Вода.

За таа цел, на седница на Советот на Општина Кисела Вода беа изгласани правилници за утврдување на општите и посебните критериуми за избор и доделување на паричните награди за талентираните жители на општината.

 

[Видео] Зошто сакам правно да се регулираат дрогите?

$
0
0

По завршувањето на состаноците на ОН за политика на дроги оваа недела, Акцијата за сиромаштија во здравството прикажа нов краток филм „Зошто сакам правно да се регулираат дрогите?“, објави healthpovertyaction.org.

Од ограничениот пристап до лекови до уништување на благосостојбата на сиромашните фармери, таканаречената „војна против дрогата“ им штети на луѓето ширум светот – вклучувајќи и нанесување насилство и расизам кај маргинализираните заедници.

Филмот, во режија на Андреј Дејвис од бил снимен во фавелите на Сао Паоло. Обезбедува искрени сведоштва од луѓе директно погодени од неуспешната „војна против дрогата“ во еден од најсиромашните градови во Бразил.

Приказната ја раскажува Марсио, кој опишува еден од клучните влијанија на забраната во неговата заедница: насилната и расистичка полиција насочена кон најсиромашните, уште полоши поради недостаток на државна поддршка и социјални услуги.

Искуството на Марцио се повторува во сведоштвата на луѓето ширум светот. Од Сао Паоло, Лондон, Бангкок и Куско. Додека ООН може да се чувствуваат отстранети од секојдневниот живот на луѓето, овој краток филм, според зборовите на засегнатите, истражува дел од штетата предизвикана од таканаречената „војна против дрогата“.

Марсио верува дека трговијата со дрога треба да биде законски регулирана.

Според него, регулирањето дроги ќе ги направи побезбедни и ќе го ограничи пристапот до нив. Тоа ќе го намали насилството и корупцијата со заменување на пазарот на дроги со оној кој ќе ги заштитува средствата за живеење и заедниците. Тоа значи, парите потрошени за одржување на забраната може да бидат насочени кон здравствени и социјални услуги.

Спасовски: Имаме индиции дека најголем дел од пожарите се подметнуваат

$
0
0

Ситуацијата во делот на пожарите, за жал ескалира во државата и тоа од неколку причини, не се само временските услови што се поволни за пожари, затоа што имаме навистина сушен период, меѓутоа најголемиот дел од нив се пожари што се подметнуваат. Доколку ова што ни се случува е од политички причини, а имаме сериозни индиции тоа да го потврдиме во наредниот период, станува збор за сериозен тероризам што се прави на државата, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред француската амбасада.

Tој информира дека досега имаат поднесено кривични пријави против девет лица како сторители на пожари, а најголем дел од нив, како што посочува, се во врска со бизнис интереси во делот на трговијата со дрва.

„Апелирам во овој дел на пожарите и оние што се нарачатели од кој било апсект, ако е тоа од бизнис заедницата, бизнисот не се води преку предизвикување на штета врз природата. Ако е од политички аспект, сакам да упатам порака на политичарите да не се занимаваат со работи што прават директна штета и на природата и на државата само заради ситни политички поени, со тоа не се добива ништо“, рече Спасовски.

Инаку, периодов во континуитет се случуваат пожари низ цела земја. Владата тврдеше дека има засилени контроли, а беше воведена и забрана за движење низ шума. Забраната започна да важи од 29 март и ќе трае се до нејзино отповикување.

Истражување на Пакомак: Разочарувачки е колку малку младите селектираат отпад

$
0
0

Се подига свеста за селектирање отпад кај македонските граѓани, но младите од 18 до 30 години тоа го прават значително помалку од останатите возрасни групи, покажа новата анкета за свеста навиките и однесувањето во селектирањето на отпадот од амбалажа која ја спроведе друштвото за управување со амбалажен отпад – Пакомак.

Во истражувањето од оваа година, за разлика од претходните, зголемени биле бројот на испитаници од 1.000 на 1.200, како и градовите каде се спроведе анкетирањето од 7 на 9 (Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Тетово, Штип, Охрид, како и двата дополнителни града: Прилеп и Велес).

Истражувањeтo, во однос на последната направена анкета во 2017 година, покажа дека постои напредок во подигнување на свесноста за селектирање на отпадот или во бројки кажано оваа година нешто повеќе од една третина (37%) од граѓаните во најголемите градови во државата имаат развиено навика секогаш или често да селектирааат отпад, што во однос на 2017 година (33,9%) е раст за 3,1 %.

Ова значи дека 4 од 10граѓани од најголемите градови во државата секогаш или често селектираат отпад. Во овој циклус на истражување Прилеп и Струмица оваа година се покажаа како два града каде статистички повеќе граѓаните селектираат во споредба со другите градови, за разлика од 2017 година кога такви градови биле Битола и Скопје. Женските, како и граѓаните на возраст над 45 години се оние кои селектираат отпад во  поголем број од машките и помладите на возраст до 45 години. Заклучокот од истражувањето од 2017 година дека младите од 18-30 години во значително помал број селектираат отпад останува да важи и според резултатите од овој круг.

Убедливо е мнозинството на граѓани кои селектираат генерално пластиката (82%) но, и стакло (42%)  кои ги сметаат за посебен вид на отпад за селектирање. Понатаму следи хартијата со (34%).

Истражувањето не забележува статистички значајни разлики меѓу различните социо-демографски групи граѓани во однос на видот на отпад кој се селектира. Исклучок се само најстарата категорија граѓани на возраст од 65 и повеќе години кои во поголем број (58%) изјавуваат дека селектираат стакло, во однос на другите возрасни групи.

Оние граѓани кои изјавиле дека никогаш не селектираат отпад, сметаат дека главни причини за тоа се недостатокот на контејнери/канти за селектирање (79%), како и немањето навика за тоа (35%).  Немањето навика за селектирање, како причина е значајно зголемена во однос на резултатите од 2017 кога била наведено дека само 11% од граѓаните не селектираат.

Од 2017 до 2019 година, перцепцијата за достапноста на контејнери за селектирање отпад е зголемена од двајца на тројца од десет граѓани. Во овој круг на истражувањето 31% од испитаниците изјавиле дека имаат контејнери за селектирање отпад во околината на домот, за разлика на 17% кои го изјавиле истото во 2017 година. Дефицитот на контејнери за селектирање е значајно намален во минатите две години. Прилеп, Охрид, Скопје и Битола се градовите каде според мислењето на граѓаните, достапноста на контејнерите е поголема во однос на другите градови. Од оние граѓани кои имаат контејнери за селектирање во близина на домот, мнозинството (37%) изјавиле дека тоа се контејнери за рециклирање на трите материјали: стакло, хартија и пластика.

Од оние 68% граѓани кои изјавуват дека немаат  достапни контејнери за селекција на отпад, речиси сите (94%) изјавуваат дека истиот би го користеле доколку им стане достапен. Како што беше заклучено и во претходното истражување, оваа интенција за користење треба да се земе со резерва бидејќи граѓаните често даваат „социјално прифатливи одговори“.

Но, од друга страна истражувањата и споредбата на резултатите од 2017 и 2019 година покажуваат дека зголемената достапност на контејнерите право-пропорционално ја зголемува и навиката за селектирање отпад кај граѓаните.

„Овие анкети за нас се од големо значење и се патоказ за состојбата во која во моментов се наоѓаме но и ни го покажуваат патот кон кој треба да целиме. Чувствуваме големо задоволство кога ќе забележиме процентуален успех во однос на последната анкета направена во 2017 година. Општиот заклучок е дека граѓаните од урбаните подрачја имаат високо ниво на свесност и се запознати за тоа кои сè видови на отпад можат да се селектираат и рециклираат. Пластиката, хартијата и стаклото се материјали за кои 9 од 10 граѓани знаат и се свесни дека можат да се селектираат и рециклираат. Додека само 1 од десет граѓани е запознат дека батериите, железото и лименките можат да се рециклираат. Нашата работа продолжува со засилени активности и во иднина и нема да застанеме се додека не се доближиме до европските стандарди и свест во однос на селектирањето на отпадот. Како за споредба во земјите на ЕУ кои имаат висока стапка на рециклирање на отпадот, има еден сет контејнери за селекција (жолт, син, зелен) на 200-500 жители, завсно дали е урбана или рурална средина. Тоа би значело дека во РМ требаат најмалку 4.000 локации за селекција или вкупно 12.000 контејнери за да може селективно да се одложува отпадот. Нашиот став е дека и понатаму интензивно ќе инвестираме во контејнери за селективно собирање на отпадот од пакување. Од особено значење е паралелно со нашите активности да има и активности од страна на надлежните органи во однос на доследна имплементација на Законот за отпад од пакување што значи сите компании кои што имаат обврска треба да партиципираат во системот и од друга страна очекуваме Јавните комунални претпријатија да започнат процес на унапредување на нивните технички можности и капацитети за да можат да ги сервисираат контејнерите кои што ги поставуваме“, изјави Филип Ивановски, главен извршен директор на Пакомак.

Во однос на информираноста и задоволството во однос на компаниите кои се надлежни за селектирање и рециклирање отпад значајно мнозинство (76%) од граѓаните сметаат дека јавните комунални претпријатија се надлежни за селектирање на отпадот за рециклирање.

Пакомак е друштво за управување со амбалажен отпад и игра важна улога во општеството, грижејќи се за здравјето на луѓето и природата преку едукација и подигнување на свесноста во однос на менаџирањето на отпадот од пакување. Негова долгорочна стратегија е зголемување на инклузивноста и партиципацијата на граѓаните во овие процеси, а следствено на тоа и зголемување на обемот на селектираниот и рециклиран отпад.

НаТочак: Велосипедската патека на кејот на Вардар не е само за спорт, туку и за транспорт!

$
0
0

„Како повеќе ќе се користи кејот, ако е пристапен со стрмни рампи за туркање или со возливи рампи?“, прашуваат од иницијативата НаТочак, која заедно со пријатели-волонтери ја спроведоа четвртата акција од серијата велосипедски приказни.

Велосипедистите укажуваат дека велосипедската патека на кејот на Вардар не е само за спорт, туку и за транспорт. Сметаат дека ако има доволно рампи (приклучоци) и добра поврзаност со останатиот дел од велосипедската инфраструктура, луѓето ќе се вклучуваат на оваа патека за да ги избегнат сите раскрсници и досадни чекања на секој семафор и ќе се исклучуваат од неа онаму каде што имаат поврзаност со друга велосипедска патека.

„Веројатно првата асоцијација за велосипедската патека долж кејот на Вардар е дека таа е за спорт. Но ние мислиме дека може да биде и транспорт! Зелен транспорт! Вело транспорт! Велосипедската патека долж кејот на реката Вардар е најдолгата непрекината велосипедска патека во Скопје без крстосници, без семафори. Таа е најбрзиот начин на движење со велосипед. Таа рута може да биде нашиот велосипедски автопат, нашата “обиколница“, укажуваат НаТочак.

Затоа бараат патеката по текот на Вардар да се интегрира со останатите велосипедски рути од проектот Скопје Велоград преку краци за спојување во мрежа, преку возливи рампи со благ наклон, велосипедски патеки на новопланираните мостови, преку нови пешачко-велосипедски мостови. Додаваaт и дека во град кој претендира да биде Велоград не смее да има нов мост без велосипедски патеки и возливи велосипедски рампи кон кејот.

Истовремено укажуваат дека е неопходно да се доуредат и ослободат деловите каде патеката има прекин (деценискиот прекин во Центар поради градежните работи и неуредениот дел на Вардар меѓу Карпош и Ѓорче, со што Скопје ќе се поврзе за пешачење, трчање и точак по цела своја должина од Сарај до Лисиче!).

Антикорупциска објави список на службени возила што не смеат да се користат во кампањата

$
0
0

Државната комисија за спречување на корупцијата (Антикорупциска), на својата веб страница објави електронска пријава која ќе можат да ја пополнат сите граѓани кои ќе сакаат да пријават злоупотреби во текот на изборната кампања, но и список на службени возила што не смеат да се користат во изборна кампања.

Целта е да се спречи злоупотреба на државни средства за партиските кампањи.

– За да се покрене случај, не е доволен само збор туку ќе треба да се приложат и конкретни докази како фотографии или изјави од сведоци, доколку станува збор за злоупотреба на државни ресурси за изборна кампања – рече претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска.

Комисијата на веб страницата објави и регистар на сите службени возила, кои можат да се пребаруваат по регистарска таблица, односно граѓаните ќе може да проверат дали во партиска кампања се користат службени возила.

Од Антикорупциската комисија потсетуваат дека во предизборниот период не смее да се почне каква било изградба со пари од буџетот, не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства што не се редовни месечни исплати, а не може да почне ниту постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции.

Антикорупциската комисија ќе го следи и финансирањето на изборните кампањи на партиите. Оваа година за првпат партиите ќе добијат пари од буџетот – по 110 денари за секој глас.

Извор: МЕТА

[Видео] Водно –запознавање одблизу

$
0
0

Мегаломанските идеи за градење на Водно не запираат иако стручњаците предупредуваат дека агресивната урбанизација предизвикува свлечишта опасни за животот на граѓаните, ја уништува природата во планината и ја менува климата во Скопје.

Документарецoт „Водно – запознавање одблизу“ го изработи Институтот за комуникациски студии.


Документарец и дискусија со Димитар Самарџиев за пермакултурата

$
0
0

Кален и Иградина на 10 април во 19 часот во Менада организираат проекција на документарниот филм „Вовед во Пермакултурата“ и дискусија со Димитар Самарџиев.

„Ве покануваме да дојдете и заедно да го погледнеме документарецот и продискутираме на темата но исто така и на сето она што документарецот ќе го инспирира во нас. Па со надеж да потоа наученото го претвориме во акција на локално ниво“, повикуваат организаторите.

“Вовед во Пермакултурата“

Џеф Лотон нѐ води во светот на пермакултурата и ги објаснува основните концепти и начела на начин разбирлив за почетниците. Документарно-образовниот филм сликовито ги следи пермакултурните зафати на Џеф Лотон на фармата Зајтуна во Австралија. При што ги доловува долгорочните придобивки од пермакултурниот пристап кон животот, како и дизајнерските алатки што се применливи не само за екосистемско обликување на пејсажите, туку и за создавање фунционални животни услови што ги задоволуваат основните човекови потреби без претерано нарушување на околината. Преку филмот може да се научи нешто повеќе за зонирањето на просторот, анализите на условите, обрасците што може да се согледаат во природата и односите меѓу елементите во пермакултурниот дизајн. Еден од клучните филмови за доближување на пермакултурниот дизајн до пошироката јавност.

За Димитар:

Димитар Самарџиев е дипломиран пермакултурен дизајнер и основач на Иградина. Од 2010 година како член на Г.О. Зелената арка учествуваше при организацијата и изведбата на бројни настани, работилници, пермаблицеви и викенд обуки за вовед во пермакултурниот дизајн. Исто така учествуваше во изведбата на образовната градина во Центарот за социјални иницијативи – Надеж и ги одржува обуките по пермакултурен дизајн за корисниците и волонтерите на центарот. Во 2013 ја доби дипломата по пермакултурен дизајн на националната пермакултурна конвергенција во Хрватска. Во текот на 2015 и 2016 одржа два 72-часовни курсеви по пермакултурен дизајн, заедно со Огнен Ончевски и Александар Николовски, при што над дваесет учесници успешно ги исполнија условите за сертификат по пермакултурен дизајн. Од 2016 работи на изведбата на пермакултурниот дизајн за Иградина – показна шумска градина со плодоносни јадливи растенија, каде што се одржуваат обуки од областа на пермакултурниот дизајн и агроекологијата за возрасни и деца. Во текот на 2017 и 2018 ја спроведуваше програмата за хортикултурна терапија на корисниците во Специјалниот завод Демир Капија.

„Ретвитни оброк“ слави четири години приготвување и делење храна на сиромашни лица

$
0
0

„Ретвитни оброк“ денеска ќе прослави четири години ревносно готвење, приготвување, делење храна на социјалните и бездомни категории на граѓани во Скопје. Настанот ќе се случува во кафе и филм „Котур“ со почеток од 11 часот. Предвидено е да има групно готвење и пакување на оброците, но и многу дружење и забава.

Приказната на „Ретвитни оброк“ започна на 4. 4. 2015 година, па организаторите велат дека четвртиот роденден се решиле да го одбележат на еден поинаков начин.

„Секој од вас е добредојден да дојде и да помогне, а може и да се трампаме. Како? Вие ни носите намирници или зготвен оброк, ние ви даваме маичка со логото на „Ретвитни оброк“. Дојдете да ги дувнеме свеќичките, да готвиме заедно и да им помогнеме на тие на кои им е најпотребно!“, велат организаторите.

За музика ќе бидат задолжени дечките од „Funky Fresh“ ( DJ Drazi Drags, Dj Oky Doky и DJ ILIC ), а во кино салата на „Котур“ ќе биде прикажан и краткиот филм за „Ретвитни оброк“ во продукција на ТВ Телма.

Агенцијата за храна и ветеринарство го затвори „Вардариште“ поради пропусти во работењето

$
0
0

Поради појава на заразни заболувања кај бездомните животни и непостапување по дел од утврдените пропусти во работењето констатирани со извршената контрола на 19 март годинава, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрекоа мерка за затворање на стационарот “Вардариште” со кое стопанисува јавното комунално претпријатие “Комунална хигиена” – Скопје.

Од АХВ додаваат дека е изречена и забрана за заловување на бездомни кучиња во рок од 30 дена. Во овој временски период ќе се заловуваат и во стационарот ќе се прифаќаат само кучињата кои каснале човек, односно само по поднесена претставка до Агенцијата.

Официјалните ветеринари, наредија и спроведување на мерки за темелна дезинфекција дезинсекција и дератизација во стационарот во рок од 5 дена пред негово повторно отворање.

„АХВ изврши надзор над работењето на стационарот за бездомни животни “Вардариште” на 19 март годинава при што беа констатирани пропусти во работењето. Во дворот на стационарот затекнати беа кучиња излезени од кафезите и животни кои во стационарот влегле однадвор преку оштетената ограда. Со контролата утврдено било и дека не е воспотавена ниту целосна контрола на влезот и излезот во прифатилиштето, а дел од кафезите не ги исполнувале условите за благосостојба и хигиена, односно не биле соодветни за сместување на заловените кучиња. Спротивно на законот, во стационарот е утврдено присуство на кучиња без мајка, односно животни со несоодветна возраст помали од 6 месеци“, соопштија од Агенцијата.

„Кај дел од заловените животни констатирано е нарушено здравје и присуство на болести. Спротивно на законските одредби, со контролата е утврдено дека тие во прифатилиштето се сместени во исти простории со здравите животни, бидејќи не постои посебна просторија – карантин наменета за лечење на болните и за опоравување на животните кај кои се извршени хируршки интервенции. Не работела и комората за одлагање на угинатите животни, а пред ламелите на кафезите не биле поставени листите за хигиена со информации за тоа кога е извршено чистење и со кои средства се спроведени мерките за дезинфекија, дератизација и дезинсекција.
За констатираните недоследности на 20 март, издадено е решение со кое се наложени мерки за отстранување на утврдените недоследности со контролата и наложено е животните кои се заловуваат задолжително да бидат обележани со микрочип или со други видливи средства за идентификација. Заловените животни треба да бидат вратени на местото каде се заловени најдоцна во рок од 30 дена. На ова прифатилиште изречена му е и мерка забрана за сместување на кучиња помали од 6 месеци без мајки“, додаваат од АХВ.

Официјалните ветеринари извршиле контролен инспекциски надзор на „Вардариште“ на 2 април при што констатирале дека е постапено по наложените корективни мерки. Извршена е делумна санација на оградата, воведена е контрола за влез и излез во стационарот, ставена е во функција комората за одлагање на лешевите и воспоставен е карантин за одвојување на болните од здравите животни. Потврдено е водењето на соодветна евиденција за секое заловено куче, а преземни се и наложените мерки за спроведување на дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просториите, информираат од АХВ.

Актерката Билјана Беличанец пронајдена мртва

$
0
0

Актерката Билјана Беличанец – Алексиќ синоќа е пронајдена мртва во стан во Скопје, потврдиле од Министерството за внатрешни работи за МИА.

Од МВР велат дека нејзината смрт ја пријавил член на семејството вечерта околу 22.40 часот. Полицијата се уште ги истражува причините за смртта.

Беличанец е родена на 25 јули 1973 во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија. Од 1997 година беше вработена во Драмски театар – Скопје. Во својата кариера имаше реализирано бројни главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти во Драмски театар и други инстутуции и проекти.

Беличанец во својата актерска кариера има добиено повеќе награди меѓу кои и наградата Трајко Чоревски за најдобар млад актер за улогата на Медеја во претставата„ Медеја“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1996); Награда за најдобар млад актер на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС), за улогата на Ерика Брукнер во претставата „Мефисто“ (Сараево, 2000); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп (2009); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2012).

Беличанец од 2013 до 2017 година беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода.

Жителите на Пржино се самоорганизираа за чистење на ѓубрето во својата населба

$
0
0

Жителите на скопската населба Пржино вчера ја организираа третата #TrashTag акција. Се работи за локална еко-иницијатива на жителите од населбата за собирање на ѓубрето од критичните точки.

Вчера граѓаните го собираа ѓубрето од игралиштето ,,Славија” и околу метеоролошката станица.

Организаторите велат дека се задоволни што расте бројот на луѓе кои се вклучуваат во иницијативата, додавајќи дека вчера се вклучиле граѓани на најразлична возраст.

„Стануваме се побројни. Дололнително расте мотивацијата да се допринесе за чиста животна средина кога ќе видиш дека се приклучуваат нови сили. Денес опсегот на возраст варираше од 5 до 75 години. Секоја чест на секој присутен, на секој кој допринесе за успешноста на оваа акција, до секој општествено одговорен граѓанин“, напишаа од иницијативата на Фејсбук.

Viewing all 20326 articles
Browse latest View live


Latest Images

<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>